рамница ж.

рамница (ж.)

Се думам така и гледам низ решетките: ми бегаат некои наретки дрвја и некоја недогледна рамница што се одвртува.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Испресечена рамница од суви бразди и ритчиња.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
А авионите не престануваа со голема бучава ниско да летаат и да бијат со долги митралези рафалии и страшни беа грмежите на бомбите и ужасен беше пламенот што се издигнуваше над рамницата и ги снемуваше гласните викотници и лелеци на луѓето кои гинеа под бомбите и гореа во пламенот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Патуваше така Зоки од еден мал град во едно големо село, па покрај една широка река до едно долго море, дојде во една тесна улица, а потоа изби на еден малечок плоштад, па виде една ниска планина и се искачи на една висока рамница, и сѐ така патуваше и патуваше по целиот, по целиот свет...
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Иронијата е уште поголема, кога ќе се земат во обзир природните богатства: Руди, топли подземни води, плодни рамници со богат род, реки со силни водопади и што ли уште не...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Од секаде се слушаше мајчиниот јазик и тоа создаваше домашна атмосфера во експресот, како тој да ги сечеше австриските Алпи и широките рамници посеани со фабрики од Салцбруг кон внатрешноста на Германија.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Човекот се тресеше со дигната рака кон челото и очекуваше, но секаде, до кај допираа пипалата на слухот, се постилаше недогледна рамница на тишина.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Поточето што истекувајќи од Кладенец тече низ скалести корита, некогаш дрвени сега претворени во обични вирови, долу, а во рамницата, во бавчите, се влива во Голема Вода и е поило на дивината, добитокот и овците.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Дека панславизмот е едно смешно антиисториско движење И дека негова цел е подјармување на цивилизираниот Запад Од странот на варварскиот Исток и на градот од селската рамница Оттогаш наваму се разгрануваат разни врсти антисловенство Од кои некои предизвикуваат и војни со многу жртви И не е многу важно дали антисловенството е лево или десно Многу поважно е што историјата на антисловенството не е завршена
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Се прашуваме дали, ако Кинеското дрво ни значеше исто како и нему (како и морскиот брег и рамницата во близината поради која мисли дека светот е тркалезен, Црнците, шумата, ослободената пијавица и мочуриштето кое се граничи со гробиштата и игралиштето, црквата, неговата куќа, олеандрите, палмите и комарците, дабот кој има лулашка направена од автомобилска гума, лулашка која треба да се поправи, вилицата на ајкулата, школките од левата и од десната страна, и гризот за доручек) - па, само се прашуваме.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Од лево и од десно, од напред и од назад, се здадоа гласови Каде стигнуваат другите што се обесуваат на возовите како црни мадиња? или нас сакате да нѐ заборавите тука? да нѐ оставите со ветриштата и виулиците, со дождовите и со жештините? да нѐ оставите да нѐ смукне оваа проклета рамница како да сме изгниени мушмули?
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Само што се искачија на рамницата од каде што се гледа селото, Никола се опушти, се симнаа од коњите па им заповеда да легнат да се одморат.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Забораваат дека толку многу сакаа да побегнат од онаа заморувачка рамница во која нема ниедна возвишка за да ги одмориш очите.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Патот е прав како стрела и тера по средината на рамницата легната меѓу двете преспански езера.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Експресот јуреше по германските рамници кон Кобленц, а често се доближуваше до бреговите на Рајна.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Заборавена книга на рамница, пред гулабарник, во училница, на граничен премин, во пролет. Книга заборавена Книга за раѓањето.
„Забранета книга“ од Веле Смилевски (2011)
Кога ги снемуваш авионите, тогаш рамницата ја биеја топови. Грмеж зад грмеж.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Оваа рамница треба да биде новата градска плажа на која во најблиската иднина ќе се сончаат и пливаат не стотици, туку илјадници корисници. И ќе носат пари.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Над Бела Вода се појавија авиони и со голема брзина летаа кон преспанската рамница.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Трепери пламенчето на свеќата и стоејќи вгледан во рамницата, ми се чини дека допираат до мене бучавата на авионите, тресокот на бомбите и гранатите, свирежот на куршумите, мирисот на напалмот, врисокот на стотиците очајници кои биени од небо и земја, газени и толчени под тенковските гасеници со последната издишка трчаа по оваа последно мало крајче од езерската земја со надеж да се фатат за последната сламка за спас на животот...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе