суди (несв.)
Можам да пресудам право за нив, иако човекот не е судија, тој никогаш не смее да им суди на другите.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Тие господа сега се зад решетките, ги судат цивилни судови и ги судат аргентинските закони.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Но ако еден народ ги изменува својот јазик и својата вера во едно кусо време и под силно туѓи влијание, самиот без свест однесувајќи се кон таа измена, тогаш тој се откажува од самиот себеси и од неговите интереси и се предава и себеси и нив на еден посилен народ, којшто ќе постапи со него и со нив како што ќе му биде потребно; Значи, да се откаже еден народ од својот јазик значи да се откаже тој и од самиот себеси и од своите интереси; значи да престане да гледа на себе со свои очи, да суди за себе и за другите со својот ум и разум, а да чека укажување за сѐ отстрана.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Сакаш да мудруваш, сакаш да судиш но не си ни судија, а ниту Бог ти си само еден бездарник валкан и мизерен душегрижник без душа Погледни ја бесрамнику својата вина погледни го трулежот од лагата во себе погледни ја душата што тоне во празнина проклето да биде твоето семе
„Проклетници“
од Горан Јанкуловски
(2012)
На творецот не му е дозволено да суди за неговото сопствено дело.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Можеби некој, а можеби и мнозина меѓу нас ќе речат оти уште е рано да се суди за резултатот на воставањето.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Црвите се ситни закончиња на природата. Тие, најпосле, неизбежно ни судат.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
- Го дочувавме вие да му судите ... Но вториот овдека го нема ...
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Во некои моменти се прекорував себеси што се мешав во работите на големите, што, секако, не е правилно децата да им судат на родителите, но тоа не ја намалуваше мојата болка.
„Друга мајка“
од Драгица Најческа
(1979)
Таа пријателка не беше ни малку поубава и не помлада од неговата жена; но ги има на светот ваквите енигми и не е наша работа да судиме за нив.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
Татко му секогаш некого судеше, некого осудуваше и тоа свое постојано пронаоѓање и жигосување на мааните кај другите му го пренесе заедно со занаетот.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Негово си беше да ја испрати, а други да судат што и да беше запишано во неа!
„Амбасади“
од Луан Старова
(2009)
— Не плачете од денеска за утре, вели Апостол Макаровски, изгледа одново ќе нѐ судат во Букурешт.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Цивилни луѓе сакаат да судат за воените и дури за маршалски предмети, луѓе со инженерско образование повеќе судат за филозофијата и за политичката економија.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Бројни показатели сведочат дека популарната музика во последното десетлетие стана најважен сегмент на популарната култура (на крајот на краиштата, за растечката важност можеме да судиме веќе само од вонредно зголемениот број на најразлични напади врз неа), додека музичката телевизија (во мислите ми е пред сѐ MTV) за помалку од десетлетие стана централен орган на целата популарна култура.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Тројцата се силни и чувствителни. Умеат да се бијат но неспособни се да судат.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Да дадеше Господ една сипаница лоша да дојдеше и сите вас да ве собереше, та после векот едно да не пркне: овде да се роди, ама бело море и црно да препливаат таткови и мајка ви, тамо да видат челад; откако ќе видат челад тамо, еден Господ нека суди и еве јас си умирам".
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Судеше, кога беше вон од сѐ над сѐ, некому што личеше на него и што докажуваше или доживеал малку порано нешто што доживуваше или доживеал малку порано нешто што требаше тој да го доживее.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Тешко на судијата што ги суди, вели, ќе му ја најдат адресата и целото семејство ќе му го убијат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Години и години живеев во прелага дека добро ја познавам психологијата на нашиот човек, и по многу искушенија и самиот дојдов до сознание дека ни е судено да се остваруваме во јазикот: некој беше рекол дека врз јазикот сум прикован како разбојник на крст.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)