табур (м.)
— Самиот ти ме вовлече во вој алабак табури и за јадење да страдам со своите луѓе.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Скопскиот беглер-бег беше и паша – командант на скопскиот гарнизон, та нареди, еден табур од двеста души платена редовна војска да тргне во оваа експедиција, а во Кавадарци го пречекаа и му се придружија тиквешките бегови на чело со Јашар-бег со петстотини свои луѓе и уште толку башибозук, собран по целата Тиквешија за пљачка по Мариово.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Го распореди аскерот во три табури по педесетина души, а педесетина остави да ја вардат кашлата и конакот, да не му текне пак на Толета да ги нападне и во самото Витолиште, кога ќе разбере дека кашлата е празна.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Се насобра народ од двете страни и кога разбра зошто се сќорлиле овие нови „божи служители" веднаш се направија и тука два табура како на атпазар пред Наловиот ан пред две три недели.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Затоа Доста сега засука поли и ракави и почна да се спрема да испрати и дочека, да дочека и испрати два табура сватови.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Табурот на бежињата се разби и се разбега.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
На тој начин и овој табур напредуваше и ги зазеде селцата Манастир и Мелница, ги ограби, и кога дојде до Витолишта, го најде во него скопскиот бег со илјада души сила кој го правеше истото.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
А дали се трпеа зулумите од овој алабак табури?
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Во овој „алабак табури", како ја викаше еден од родителите оваа дружина, беше „аскер" и малиот кржлав, мрсулав, мешлест како жаба, Крсте, син на манастирскиот ѓак Петка, кој штотуку беше, се запопил, и немајќи ни волови, ни коњи, ни орање, ни копање, немаше каде да го прати сина си на работа.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
– Значи, овој сефер ние ќе треба да се разделиме на три дела, а ефендијата Расим-беј ќе биде четврт – предложи кадијата и со почит покажа на својот сизерен скопскиот беглербег, па продолжи: – Јас лично ќе поведам еден табур со своите луѓе и луѓето од Бајрам-бег, Сефедин и Мамут-ага.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
И на пет дена пред празникот тргнаа четири табури до заби вооружени отоманци во четири правци кон Мариово, палејќи и ограбувајќи секој табур секое христијанско село што им се испречуваше на патот.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Да правиме абер и да бараме помош уште некој табур аскер.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
На едната страна беа децата од чивчиите, занаетчиите, бавчанџиите, и чифлигарите, кои живееја во Варош-маалото, а вториот “табур“ го сочинуваа децата од беговите, агите и чорбаџиите, кои живееја во Долното-маало.
„Гоце Делчев“
од Ванчо Николески
(1964)
Арно ама, едно мисли Митра, друго мисли Доста: „Браче Трајка го трна од Митра. Сега треба неа да а одалеча од него да не го соблазнуа, та еден ден да му се накриви самарот, да помини во нејзин табур.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)