вежба (ж.)

Се разбира во врска со спомнатите противречности ништо не ми појасни ни оној случај за циркускиот гимнастичар кој при една вежба во која учествувале сите делови на неговото еластично тело успејал толку добро да се заплетка што морале да побараат лекар за да го разврзе кутриот атлетичар.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Винстон ја мразеше оваа вежба од која добиваше остри болки од петиците до бутините и која често завршуваше предизвикувајќи му нов напад на кашлица.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Пиљарот е силен и висок човек со развиени мускули од боди-билдинг вежбите со кои веќе долго се занимава.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Целта на оваа вежба е да ја развие техниката која веднаш ќе го привлече читателот кон следниот параграф и ќе предизвика во него желба да тргне понатаму, бидејќи го приврзавме неговото внимание кон овој параграф, токму поради неговата занимливост. Ако не се извежбаме да пишуваме вакви параграфи, кои му претходат на дејствието, не можеме никогаш да постигнеме вистински суспенс.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Целта на вежбата: да им се даде индивидуален начин на говор на двата карактера и да се создаде замрсен дијалог врз основа на чувствата кои не се директно изразени.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Така, покрај стандардните воени вежби на југословенската армада и цивилното пучанство требаше да биде заучено на соодветен пакет мерки и активности од полувоена природа, за со нивна помош целосно да се инфилтрира во концептот Сите сме одбрана.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Веќе две години, откако поизрасна и откако со скок успеа за првпат да се фати за гредата, оваа вежба му стана омилена забава.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Писателот кој ќе се помачи со овие вежби ќе сфати, при пишување на приказна или роман, дека на располагање му стојат разни можности во секој момент од творењето, а ќе биде во подобра позиција и да избере најдобро решение - или да смисли некое ново.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
По нејзиното заминување, луѓето одеа на местото каде што пукаше војската да видат што е станато и идеа со ифрит во душата велејќи: по никакви качаци не пукала војската, туку вежби си правела...
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сѐ што душичката му виде на Трајан, сѐ што му помина преку главата, само тој и коњот го знаат: и шлаканиците од старешините, и мајката и шајката што му ја караа, и душичката в нос што му идеше на тешките вежби и маневри - сето тоа, тој, кутриот коњ, го плаќаше: сиот бес и лутина на него го истураше.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Се обиде да прави посложени вежби и беше вчудовиден и понижен кога утврди што сѐ не е во состојба да направи.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Или вашата соговорничка (а тоа ми се случи мене) да потскокне од столот во ресторанот и сосема природно да направи неколку вежби за истегнување на ‘рбетот, додека вие зборувате за постмодернизмот за кој таа, вашата соговорничка, инаку е животно заинтересирана.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Во сите овие вежби, треба да се избегнуваат евтини решенија, општи места и недуховити шеги.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Често и вон наставните вежби времето го проведуваше во лабораторијата проширувајќи ги дополнително знаењата.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Ми треба пополнување. - Со вежбите завршивме. Остана да ги облечеме и да ги наоружаме...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Но му дојдеше ли писмо од дома или од неговата саканица Царјанка, му јавија ли дека има свадба в село, ум немаше во главата; како зашеметен, како споулавен шеташе низ касарната; ниту му се јадеше, ниту го редеше на ум она што му го зборуваа на вежбите.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Криејќи се зад камењата и грмушките, како на вежба, се приближуваат противничките војници.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Но импресијата и експресијата кај нашава поетеса не стојат во некаков јалов, одн. „школски”, коректен, корелативен момент од кој се забележува некаква „гола акрибија” или евентуален обид да се испроба вештината на „стилските вежби” во зададен поетички формат кој би бил самодоволен или „самозадоволен” од апсолвираната лектира...
„Сите притоки се слеваат во моето корито“ од Марта Маркоска (2009)
А она за што треба да преговара - се фаќа Мертен за рачката на еврејската канцеларија местејќи ја срдечната, како што ја нарекува меѓу блиските, „филосемитска“ насмевка на лицето и молскавично рекапитулирајќи почна таа сабота на 11 јули 1942 на Плоштадот на слободата, во близината на пристаништето каде што од утринските часови се собраа над 9000 полнолетни мажи Евреи, а како часовите врвеа и еден сѐ поброен куп љубопитници, обични граѓани од сите возрасти, дами и госпоѓици и војници на отпуст, без задолжение во конкретниот зафат на кој тие 9000 души со часови, најнапред беа попишани, а потоа, терани да прават салта, да изведуваат глупави гиманстички вежби на врелото сонце, без заштита на главите, со бројни онесвестувања што на крајот го расипа првичниот весел впечаток и во присутните почна да создава непријатност и отпор...
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Добро се држеше благодарејќи им на физичките вежби, на теговите, боздоганите, вратилата, тремплините... што ги применуваше редовно и особено пред доручек, во задниот дел на дуќанот.
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Повеќе