екранизира (св. и несв.)
Целата оваа реалност е наметнато, екранизирано платно на сиви сенки, кукли од партали, гротескна претстава на сурогати, црно бели копии без идентитети кои моментално атрофираат ако врз нив истурите шолја црно кафе.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
И долгогодишната кореспонденција помеѓу Гете (Goethe) и вајмарската дама Шарлота фон Штајн (Charlotte von Stein), мажена госпоѓа со седум деца, ја доживеала својата драмска транспозиција: пред некои триесетина години германскиот драматичар Петер Хакс (Peter Hacks) напишал успешна монодрама со долг наслов Разговор во куќата Штајн за отсутниот господин Гете, која со голем успех се изведувала на многубројни европски сцени; во тие години на подем на таканареченото женско писмо, актерките просто уживале да ги екранизираат пустите машки мани на големиот светски класик...
„Потрага по Елен Лејбовиц“
од Луан Старова
(2008)
И затоа секој што застанал и зјапи во витрините на кабарињата, на бистроата, во бутките со порно литература, во кафеаните каде што се нуди само голотија, во кината каде што се екранизират порно филмови и на чии влезови, за пропаганден ефект, задолжително стои забелешка дека „гледањето на филмот е строго забрането за луѓе под 18 години“, е некој дошлак во Париз, некој турист и гостин од некоја странска замја, кој можеби дошол тука, на „Пигал“, за да каже, кога ќе се врати во својот крај, дека бил на „Пигал“, зашто се смета дека тој е еден од симболите на француската метропола.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)