заплетка (св.)

Се разбира во врска со спомнатите противречности ништо не ми појасни ни оној случај за циркускиот гимнастичар кој при една вежба во која учествувале сите делови на неговото еластично тело успејал толку добро да се заплетка што морале да побараат лекар за да го разврзе кутриот атлетичар.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Еве сега повторно и непотребно ја заплеткаа целата земја во тоа проклето козјо прашање.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Овој трепна и го заплетка својот поглед со погледот на офицерот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ама нели ништо не е случајно во овој толку предвидлив свет, па лидерот се беше заплеткал во хартијата за да биде поблизу доведен до пораката која беше клучот на нивното преживување како засебен ентитет.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Французинот и Англичанецот молчеа, и со чашите в рака гледаа во мрежите низ кои одвреме-навреме сонцето се заплеткуваше: личеше на светлива риба што прпелка фатена.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ние - беше нешто премногу конкретно и нешто сосема нестварно, истовремено, организам кој нѐ препознаваше и во кој се препознававме, оти тоа, всушност, бевме ние, судбина наша и на многу други кои секојдневно се заплеткуваа во пајажината што ни стана порок и заради која како инсекти се заробувавме самите себе станувајќи му плен на црното страшило кое упорно чекаше во дувлото да нѐ зграпчи со своите канџи.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Таа постојано стравуваше јагулите да не се заплеткаат премногу во татковиот живот и на семејството. Тоа не би било добро!
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Во малата соба се заплеткаа гласови.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И пак Претседателот, кој не можеше да го најде оној прост, едноставен потпирач во разговорите со него, оној човечки јазик за неколкуте недоградени павилјони на нивното здружно летувалиште, она дека градежната бригада ги доберуваше последните чкорки дрво, поминато под бичкија, оној толку разбирлив говор за работата, џбонаше нешто наоколу со мислите, рече нешто дури и за пролетаријатот, за авангардата и за местото на работното селанство во сето тоа, сѐ додека не се заплетка во своите високи реченици од весниците.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Го фати ветерот што беше на минување, го заплетка во своите гранки со ретки лисја и се обиде да зашуми некоја дамна заборавена песна.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Тоа интересирање може да се доведе во врска со (како корозија) гадното абење на уметничкиот јазик, кое Дишан го признаваше откажувајќи се од „сликањето“, заплеткувајќи ги сѐ повеќе традиционалните конотации на уметничката постапка и стремејќи се кон (менталниот и оперативниот) постојан „развој“, од онаа страна на зачмаените и утешителни „суштини“ за „делото“ како објект.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Се заплетка во криви и тесни сокачиња на циганскиот крај и забележа: сѐ е ноќе поинакво - и луѓе и куќи.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Живци. Се заплеткал нервниот систем и примирисува на изгорено.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Одненадеж ова возбудено клопче се одмота, се затегна и се заплетка во несфатливо буричкање.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Се печеа на сонцето во жешко време, се пикаа еден во друг кога ќе застудеше навечер, се покриваа со ќебиња и мутафи кога ќе заврнеше дожд и стануваа жива вода; кога ќе заплускаа громови крај нив, се крстеа и го молеа бога да ги одминат; дење ловеа риби, ги следеа со очи облаците кои се згуснуваа и разретчуваа, го гледаа нивното престорување во некакви чудовишта и нагаѓаа ќе има ли дожд или не; го гледаа сонцето кое час се заплеткуваше во облаците, час подизлегуваше за да светне и да покаже дека е тука; ноќе пред за заспијат гледаа во ѕвездите, кои како што одминуваше ноќта, сѐ повеќе се намножуваа и стануваа поголеми и како да се спуштаа надолу; ја гледаа месечината која секоја ноќ се тенчеше и го изоструваше својот светол срп триејќи се од облаците; го слушаа секој шум на водата што во ноќната тишина јасно се разносуваше час потивок, чад посилен и по него дознаваа дали езерото ќе се вознемири или не.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Тогаш, одеднаш, таа се лизна од трапезот и падна во мрежата; се заплетка и аѓутантот дотрча и ѝ помогна да излезе.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Сум се заплеткал со фајдиња кај еден пајак крвопиец...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
За да се разговара со него, требаше да се оттргне од таквите теми и да се заплетка, ако е можно, во специфичностите на Новоговорот, за кои тој беше авторитет и умееше интересно да раскажува.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Јас паѓав; сѐ почесто паѓав во одвратната мрежа, во која се заплеткував и од која ме вадеше стариот аѓутант; дури и одењето ми стана привилегија.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Во тој миг Цви Корец длабоко во срцето почувствува дека судбината негова, на семејството, советот, заедницата, на целиот овој град, сѐ посилно се заплеткува во големо клопче што се намотува, се пласти и стега околу сите нив заедно од некоја огромна сила спрема којашто секој отпор е слаб, оттука и излишен.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Повеќе