исконски прид.

исконски (прид.)

1. Кога те сретнав беше минато крстоносна селидба, смртоносна веридба сега спомен долг таинствено ме коле љубовта со тага ме дои, нелулани мои во мене некој исконски бол е, сама сум како заборавено време.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ќе ти влезе во свеста ќе ти се пикне под кожа ќе забега во зоната на интимата и оп, еден ден ќе му појде од рака да го состави она што ти си го скршила да го препише она што ти си го избришала да го ископа она што ти си го потиснала длабоко во тебе, со луд ум на лавина да го открие она што си го забранила за јавна употреба;  ќе ги размрсува и повторно ќе ги замрсува знаците-јазли на твојот личен и на македонскиот синдром ќе си поигрува со преобразбите од дамнини до иднини од лично до колективно ќе ги претвора софистицираните искази и поетските евокации во егзистенцијални слики за да ја долови речито сочноста на твоите исконски мори на твоите детски занеси на твоите судбински застранувања;  можеби ќе те надмине со помош на вродената смисла да глуми да ја игра улогата на другиот да се губи во другиот небаре голтнат од ништото.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Тоа сѐ уште ја памети исконската светлина на создавањето.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Нејзиното искуство ѝ кажуваше дека родителската врска исконски останува нераскинлива. ѝ беше сосема јасно дека еден ден нејзината внука, без разлика на далечината и времето, ќе посака повторно да го почувствува тој мирис и да се огледа во неговите очи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Во крвавиот траг на боиштето остана само едно од тие изребрени суви тела, што се превиваше во морничаво, жилаво умирање, продолжувајќи за сето време да замавнува во празнината со своите задни нозе, чиниш и во своите последни соништа продолжуваше да бега, некаде во некоја шума, некаде меѓу некои стебла, однесувајќи ја и од онаа страна на животот својата исконска глад.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Исконска потреба на човекот е одвреме-навреме нешто да смени во својот живот.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Ја чувствуваше многу добро и во себе онаа исконска прибраност пред тој висок снег, што го покриваше сиот свет; беше притивнат како едно од сите оние дрвја околу неговата куќичка, продолжуваше да трае, живеејќи само со некоја срцевина, провлечена како црвена врвца по најскриената средина на своето тело и на своите денови.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тој беше исконскиот предавник, најраниот осквернувач на чистотата на Партијата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
И без да сакаш ти веќе влезе во едно грдо време во кое, загледан во оние исконски карпи на твојот роден крај, ти осознаваш дека и не е многу тешко да се стане камен; бигор и мрамор, дури.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Се наложила догмата дека исконски табиетот може да го одржи само верувањето во еден Бог!
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Зборувајќи за гестот, за движењата и изразот на една исконска сила, се служиме со термините кои играа голема улога во маниристичките трактати од 17-иот век, а потекнуваат од античката реторика.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
О, собери го семето расеано по светот на сите четири, шест исконски страни макар подлажи го дека има каде да се врати!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
А сега слушај, должник сум да ти раскажам: имам четириесет и една година и навистина сум стар, престар, за тебе дојден од исконски дни.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ги обвинуваше најневините; најневините и најбеспомошните го носеа исконскиот грев – оние кои тукушто влегле во животот ги обвинуваше дека ја посакуваат смртта на оние кои тој живот им го дале.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Средбата со уметниците и писателите - пред сѐ со нивните дела - треба да ни го овозможи заклучокот за тоа што стои во "суштината" на овој исконски гест, што стои во поривот да се отфрли класичното токму на крстосниците, на почетокот на новиот век или во нашево време.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Оваа задоцнета пролет ме потсети на тој почеток, фабулозна увертира, а сега веќе исконска слика која ги впива во себе сите моменти на среќа...
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Затоа, и покрај сета нивна ненаситна морничавост, Змејко секоја вечер наново ги исчекуваше токму нив, да ги чуе, да ја здружи со нивната исконска самотија и својата, бидејќи само со нив тој успеваше да заборави на себе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Само еден, некој Јаков Иконописец што ќе останел да го надгледува довршувањето на водениците, движен од исконско пијанство во себе, можеби со заткарпатска медовина во крвта, без причини се обидувал да запее.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Навлегувањето во телесноста е морална потрага по исконското, невалканото.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Твоето ситно тело не е тело: низ него не пробива светлината, зошто ти ја имаш во себе однатре, исконска, стара, блескава во душата.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе