печено ср.
пече несв.

печено (ср.)

И дури вујко му Ѓуро му даваше кора и печено бравско месо да јаде и го убедуваше дека уште е малечок за комита, Крсте сѐ повеќе се намуртуваше и уста не му се отвораше — не му се каснуваше.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тој со занес зборува за топлите дланки на Ана, (топли како најслатко печено), за непостојаните форми на тестото во нејзините прсти; за нејзината насмевка и одразот на насмевкава врз надворешниот изглед на пицата; за состојките додадени на тестото што наеднаш ги губат посебностите во корист на целината.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Ќепенците од крчмите мирисаат колку на вино, толку на бира, уште повеќе на печено месо.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Со тава од фурна, со печено месо на жар, со риба пржена во тавче, со домати и пиперки, и со лубеници, кои овде лете ги има многу.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Јани се поднамести, се навали и рече: - Вие, како сакате, ама јас по војната ќе си седнам на сонце пред селската таверна, ракиче, салатче денес, утре винце и печено пиленце и ќе си гледам од далеку, од далеку ќе гледам на планињето, ќе си спомнувам за ноќите неспани и тогаш ќе дремам, мајчината, ќе дремам сѐ додека не ги оддремам сите непреспиени ноќи..., а кога ќе се разбудам, тогаш ќе ве гледам вас, будалаците, како кршите и делкате камен, како градите куќи или палати и тебе како одиш не по свој ум...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
За мезе имаа пивтија и печено чадено суво свинско месо и луканки што им ги носеа жените, а по вино, со котлиња и со котли, сами си одеа.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
За јадење да не берите гајле. Таму ќе јајте погача, сирење, кашкавал и секој ден за обед варено, печено или пржено месо...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Со нежен насмев кој заблеска дури до очите на самовилата, и уште понежен глас, тој одговори: - Ако е речено од господа и од кралот Вок со едно око “печеното“ ќе си дојде само по себе.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Бидејќи јадењето во куќата на Адам обично е компромис од наследени вкусови, ручекот, како и појадокот, е стриктно од новиот свет - сендвичи со хамбургер, сирење, шунка или јајца, повремено, во понеделниците или по празниците, сендвичи со печено месо од пиле или мисирка и, се разбира секогаш откршено парче пита или колач, и овошје - јаболко, круша, а понекогаш можеби и банана.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
* Небото сѐ уште мирисаше на терпентин. Утрото (како и сите утра) на бебешки сапун, на печено лепче и на чај од камилица.
„Зошто мене ваков џигер“ од Јовица Ивановски (1994)
- Не, јас си ги претпочитам нашите, домашните, обичаи од дедо прадедо што си ги славиме, што ни се наше вчера и дамнина, што се наш белег и не прават подруги од другите - со роднини и пријатели, со слатко и водичка, со винце, мезе, печено и варено, седнати околу софрата, со песна народска да славиме, да се веселиме и на вигната, сред село, оро широко да виеме...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
„Готово, печено“, вели, го клава плехот врз шпоретот и го покрива со крпа малку да истине, потоа - знам - ќе го потури со шеќер во прав и ќе го сече на квадратчиња.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
- Многу манџи се готват таму, има ресторани, кујни, и од секоја мириса на пржено, на варено, на печено...
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Не е за кого било речено, туку за кого било печено. **
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Додека продолжуваше расправата за модриот патлиџан, Мајка и госпоѓа Камилски се доближија со две тепсии од кои се ослободуваше чудесна миризба на печено тесто со јајца и пилешко месо.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Накачил еднаш црна Арапина, накачил горе трло Ѓурчиново: „Дајте, овчари, јагне печено, јагне печено, уште сугарче, пресна погача од невеста месена, вино црвено од три години, лута ракија - препеченица“. Овчари кротки сѐ му дадое.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Тоа секоја буква од чудното сочинение што го донесе Филозофот лелекаше, врескаше и плачеше, како жив човек да е; и силен мирис на месо печено почна да кади низ воздухот на шумата, и мирис на коски изгорени, чадот и мирисот незнабожечки, хула ужасна, мирис на месо човеково печено дур до небо се креваше; и одеднаш, сите дванаесетмина видовме глетка ужасна, страшна: тврдите слова на едно место во огнот се збраа, па се распоредија во костур човечки, и станаа коски; а меките гласови во месо се престорија и во огнот од сите букви се сотвори човек што гори; косата му гореше, телото му гореше, коските и месото му гореа, и тој врескаше, лелекаше, и се обидуваше да излезе од пламената стихија.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Впрочем, амбиентот на „Белжик жоаез“ те гони на игра и на песна, и - на печено јагне.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Чинговци беа месари, мезетеа месо и со ракија, чисто месо само печено никако варено; немаа ништо против и сирењето, особено јакото, како ни против суканото ако е мазник; додека спанаќ и други треви не сакаа ни да видат; а со очи ја јадеа рибата, од пржената пастрмка до белвицата на сач.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Им беше разделена храна: печено овнешко месо и големо парче леб.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Повеќе