позајмен прид.

позајмен (прид.)

Но од русофилството таа се восползува со заемот, направен при руско содејство, а друго и најглавно, не ги поарчи позајмените милиони за воени потреби и со тоа ги остави полни државните каси.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Таа позајмена и преработена азбука се предава од колено на колено и со предавањето се изменува и сѐ се дотерува до својствата на јазикот на позајмувачите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Згора на сѐ пиеше со позајмени пари од другар му кој беше лихвар.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Ако не ги пишував домашните, ако не се мачев со математиката, ако не морав на памет да ги учам лекциите од руски јазик, или францускиот кој беше сосема нов за мене, читав руски романи позајмени од градската библиотека.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Камилски не можеше да верува дека бројот на позајмените прилози од турскиот јазик може да биде толку голем, макар што нивниот број во употребата постојано се намалува во балканските јазици.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Нејзината отвореност беше мала, кружна и речиси ненаметлива - слично на дупчињата за антена кои татковците ги прават со позајмени алатки, не сакајќи да повикаат мајстор.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Во тоа време, никои не размислуваа дека добиваат оценки за плагијат или за позајмена работа.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Се мислам дека истиот е населен од многу што сакаат со позајмена статусна позиција, што би рекол Вендерс „...да летаат низ ноќта во слеп полет без инструменти, но на крајот да се приземјат таму каде што избрале да бидат.“
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Дојде, конечно, стигна мојата светица, светна моето помрачено сонце, застана спроти мене и со глас позајмен од риданијата на Рахела, ме прекорува: А каде си ти да дојдеш да си ја видиш мајка?
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Многу настани од животот на семејството и од судбината, Мајка ги кажуваше низ некоја народна поговорка или низ некоја што самата ќе си ја стокмеше, без да знаеме дали е нејзина или е позајмена.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Ако земаш полкило, рибарот ти црпе од црвеноперките - со тас, како од црква позајмен; ако земаш цело кило, ќе ти црпне и од гајбата со кострешот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
По тие групи имаше собирања во паркот каде што некој ќе се најдеше на договорената клупа да задрнка на гитара, кошкање парталава топка по длабокиот песок на дивата плажа, ненадејни прошетки со позајмен велосипед по насипот покрај реката од градот до предградието, непланирани потсвирнувања на другари во темница кога под прозорецот не очекуваш ништо друго освен мирис на босилек.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Всушност тоа се ѕидови-огледала, кои просторијата ја прават бескрајна, а она што е меѓу нив, да биде испомешано со триста испозајмени слики.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
И не можеш да живееш без разум, свој или дури и позајмен.
„Го сакате ли Дебиси“ од Лазо Наумовски (1973)
Климент Камилски беше изненаден од големиот број позајмени именки од османскотурски во балканските јазици.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тодор ја познаваше кулата многу убаво. И тој, и другите селани, често идеа кај чорбаџи Сивета по разни причини: На стриг сите идеа да му пострижат на неговите две илјади и триста овци, за да му го платат мамелето за позајмените педесет сто гроша кога дошол авалеџијата, да не ги тера врзани во Витолишта; за Божиќ или Велигден — да си купат чевли или опинчиња за децата; некој позајмил пари да си купи добитче; и се знае ли на сиромав зошто не му притребале пари?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
— Сакаш да завршиш како деликвент со позајмен деликт, ми вели Апостол Макаровски.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во позајмен стил на Дон Кихот, се загнав да се туркам со она што не беше ветерница, а ја потпираше празната телевизиска кутија.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Пред десетина години, кога се уште непознатото во театарот го анулирав со конкретни примери позајмени од теоријата и сценскиот практикум по софиските едукативни центри и театри, во едно неделно поладне гарнирано со млеко во тетрапак и балканска меланхолија, тогашниот мој „сокафезник“ цимер, Митко, сега веќе граѓанин на Лондон, ме праша: - Ја познаваш ли Роза Радичкова? - Која е таа?
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Љубоморен сум кога некои комплети ги снемува од тезгите и рафтовите и тогаш болката што ја чувствувам ја лекувам со по некоја позајмена книга од градската библиотека.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Повеќе