прозрачен (прид.)
Високите трски како ѕидови го затвораа од обете страни хоризонтот, само над нив високо и некаде длабоко напред се гледаше тесна лента сино прозрачно летно небо.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Како прозрачниот оклоп на стаклата да го штитеше од сите тие слабости.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Беше тихо и пространо, сонцето грееше а далеку над Огражден се гонеа по прозрачното небо јата бели пувкави облаци. – Кај се губиш, Белич? – го наруши Мече прв молчењето. – Те барам толку време, а тебе никаде те нема.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Ја среди косата, се изми со нежен сапун од лаванда, малку си стави крема на убавата бела, прозрачна кожа на лицето, си облече еден долг светло лилав фустан и врз него дебел, голем и долг црн шал, лилави едноставни чевлички на мала потпетица и појде долу, кај Христина и останатите, зема пари и тргна накај бакалот кој беше на стотина метри подолу.
„Белиот јоргован“
од Хајди Елзесер
(2012)
Осум часови работа во оваа влажна дупка ја прави кожата тенка, болно прозрачна, залепена на јаболчните коски.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Се прибра малку Невена, си ја потсобра душата, ја отвори каселата, ја облече невестинската руба, си ги облече невестинските чевличиња, си го стави невестинското венче, си го подзасолни тажното лице со велот, си ги затвори очите, ја свитка прозрачната става, прилегна до ковчегот со даровите и веќе не се крена.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Чекаше. Секоја саботна вечер, таа го отвораше невестинскиот ковчег, ги вадеше, ги ветреење и редеше невестинските шејови: првин својата невестинска руба, сета со чипки и тантели, белата невестинска шапка венче со прозрачен долг вел, белите чевличиња со срмени копчиња.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Прозрачна есен низ маховина ѕвони Со црквен од и молитва Се раскопуваш Соѕидан во долината што гори.
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Долго го вртев во рацете тоа необично, чудно писмо, влажно, прозрачно, маглесто, на кое буквите му светеа со чуден сјај и од кое се теглеше конец- пареа и исчезнуваше во воздухот, од кое пафташе реа и миризма како од некој друг свет, како од некој друг живот.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Во аглите на сликата, од едната и од другата страна над портретот, беа исцртани два детски лика, со прозрачни ангелски лица, со небесна благост во очите и милност во умјасот.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Коледарите првин онемеа, па сите се удавија во нејзиниот поглед, а има и такви кои до века ќе си ја сладат мислата од насмевката на рајските јаболка под прозрачната свила.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Иако не можам да одречам дека околу секој збор што ни открива и најмала непријатност сврзана со некој поединец кој не ни е по волја, се лелее некоја прозрачна леснотија.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Студениот ветер и студенилото од очи и истиснуваат солзи низ кои белината ја гледа како низ прозрачна магла.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Пееја, пееја, до зарипнување. Најпосле на врата се појави таа - сета во прозрачна свила.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Пред некој ден, добив чудно писмо. Велам чудно, зашто беше прозрачно, некако влажно, воздушесто, маглесто.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Воздухот трепереше на сонцето, пред нашите очи; сѐ беше сосема нестварно, па и неговата рака што ме галеше изгледаше нетелесно, сосема прозрачно.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Гита Коец едновремено го жалеше (жив ли е? каде ли е? како му е?) и го прекоруваше својот маж и во лепливите летни, и во прозрачните есенски, и во овие пусти зимски солунски мугри што се редеа во нејзините бдеења додека ја исчекуваше завршницата со неговата интернација. Ќе го види ли повторно?
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Меурите на прозрачниот бисер имаат зелени зеници.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)