реве (несв.)
Во порфирните одаи, библиотеките
и зигуратите молкома копнееле
не ревеле, не блуделе, не ловеле
ни ноќе, ни дење
не биле опасни, ни слободни
па сепак живееле!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ранетите дремат, мрморат, стенкаат, хрчат, викаат во бунило, пцујат, реват во тежок и болежлив полусон.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)
Се тетеравел по шумата и ревел со подадени раце кон небото, кон пеколот на тоа небо и кон куциот господар на тој пекол.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Бездруго не бил Евреин, и тие не знаеле дали е Турчин или потурченик, бег или одметник од Турците; дури и ако сакал нешто да им каже, не можеле да го чујат - ревеле, тој само безгласно ја отворал устата кога се фрлиле на него и, веќе соборен, без замав со јатаганот и подалеку од белецот, почувствувал удари со ножови, со секири и со колови.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Во откраднатата крбла за млеко гмечел со боси нозе туѓо грозје, се опивал, ревел споулавено.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Дедо му на Ибраим Ибраим, меѓу своите познат како Кара-Демир, се висхитил од долгоногиот распон, зошто му се сторило дека тој иноверник е готов да загине за султанијата па го стасал и трчал со него барабар, воинствено ревејќи сѐ додека на чекор од нив не бапнала граната.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Убијте ме, ревел офицерот, убијте ме, и со силни удари на сабја го касапел мртвиот Татар или Монгол или Черкез сѐ додека не паднал сличен на огромен осакатен инсект, црн и крвоглав.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
„Не давај ме, внуку, на никаквециве, ќе ме обесат“ - ревеше Јаков Иконописец, го слушав со затворени очи и знаев дека ќе се случи она што часкум го сонив, Калпак и неговиот булук ќе се стрчнат, се стрчнуваа веќе и го носеа на раце или го влечеа со пцости кон габер или кон врба до раб на оризишта фатени од огради на ископана земја, еден врзуваше јазол за јамка на јаже, друг на побелениот Проказник со секира му стоеше на пат не пуштајќи го да го брани малоумниот злодеј од кого очекуваа да се почувствува возвишен пред умирање и да признае дека палел, дека убил вол со тризабец, дека светците од неговите икони ќе му ги простат гревовите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Гардистите не ги гонеа. Само ревеа. Потоа ме бутнаа во чунот.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Пцуел старечки и ревел да го остават мртвиот, ќе се научат на човечко месо, и по своето ќе посегнат.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Викал нешто, ревел, знаел турски и можел да навредува и да проколнува.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Ревејќи со волчи гласови, гардистите ги кренаа веслата, а Пишпирик и Барбут- бег се свртеа и се стрчаа кон шумата на четирите годишни времиња.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Тропаат тасови, Реват басови, на градоначалникот косата му побелува. Ништо.
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
Реве и јачи вештерката, Гризе молкот, каса тишината, Во срцето ноќта- пештерата.
„Сонети“
од Михаил Ренџов
(1987)
Ревејќи, чакалите бегале – ќе се скријат. Но каде?
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
„Сѐ живо на нозе“, ревеше младоженецот. „Малку сте. На оние што ќе се фатат на оро има давам по пет долари.“
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Да ревам, да викам некого? се праша и почувствува нешто друго.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Но само се исправил полека, недозгрбавен и не со крената глава, туку повеќе сличен на човек што долго време стоел замислен на исто место, меѓу сенки од кои расне непробоен покрив и под кој ќе почне нова битка без сеќавање за вчерашните рани и лузни на неизлекуваната душа; и ќе гризе и ќе боде и ќе дави ревејќи само со крвта и сличен по нешто на оној негов дедо или дедо на неговиот дедо од дните кога бил со каменен чекан удрен над истото вака распарано животно.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Се ревело, крвта плискала на камен. И исечени луѓето се тепале.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со голи раце се фрлив на бегот и, кога му ја свртев пушката со оган и врело железо да го ранува ѕидот, ги видов како се фрлаат на Турците Онисифор Проказник, Орлен Шумков, Никифор Ганевски, Арсо Арнаутче, можеби и другите што беа во собата, можеби и жената и Ганка, и ги видов како доаѓаат како ѓаволи на правдата Онисифор Мечкојад, Куно Бунгур, Наџак-Јанко, Богдан Преслапец, можеби и другите: ревеа, бодеа со ножови и сечеа со секири, но бегот во вртењето ми ги искрши забите со кундак и ме собори, да се грчам ошумоглавено и недоубиен меѓу нозе и под нозе и да слушам машки писоци и ревење и пцости.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)