смртен прид.

смртен (прид.)

157. Ние гледаме сега оти три национални и религиозни пропаганди во нашата татковина се борат една против друга и сите заедно се борат против нас и нашите интереси, сакајќи да им нанесат смртен удар и да си ги потчинат под себе, земајќи го со таа цел религиозното и училишното работење кај нас во свои раце преку црквата и училиштето за да ѝ нанесат смртен удар на нашата народност, ни го налагаат нам нивниот наместо нашиот јазик.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Тогаш пак ги превртев гениталиите во дланката овде на смртната постела додека свеската, сѐ уште со раката на мојата нога над коленото, чека да може да ја шмугне својата топла дланка нагоре каде што јас ја чекам со гениталиите в рака.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Мајките од смртната прегратка ги извлекуваа своите рожби со млекото на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Во муграта ги изведуваа осудените за извршување на смртната казна.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Првиот смртен случај бил испитан и затворен како несреќен случај.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Треба да знаеш дека и ти си смртен.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Стопати ти напишав и толку пати се избришав, но тоа беше вентил за мојата душа, исполнета со таква тешка, смртна тага која трае и се прелева од една во друга форма.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Козаци во долги црни долами заскитани по рѓосаните штипски ридишта танцуваа смртни игри врз испотените плеќи на неоседланите коњи Но не од радост И не од среќа И тоа е пијанство.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Смртен страв му го огрди лицето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Кој ќе ѝ даде капка вода, беше рекле лекарот и командирот, тој си ја потпишал смртната пресуда.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
XIV Козар маало беше во грч очекувајќи ја смртната пресуда на козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Бродот ќе ни ја одложи смртната казна. До ново известие.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ова може да трае и цел ден. Чести се и смртните случаи.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
На смртен тој никако веќе не личеше среде оние борбени часој. Под сабјата негова паѓаше Албанец беден - како под српови класој.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Говорејќи на неговиот јазик, но со многу грешки, му објасни дека задоцнил на аудицијата, дека древното африканско племе ја освоило салата и дека се наоѓа во земја во која е смртен грев неумеењето да се одигра ритуалниот танц во чест на владетелот.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Тоа е рамнозначно со извршувањето на смртна казна, исполнување на волјата на оваа одвратна тиранија.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Кој гласот женски може да го слуша мирен? велам: Кој смртен толку корав бил?
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Како предизвик или имагинарна наука, единствено некоја патафизика на симулакрумот може да нѐ извлече од стратегијата на симулација на системот и да нѐ изведе од смртниот ќорсокак во кој тој нѐ затвара.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Го обзеде смртен умор. Сѐ што сакаше е да стигне брзо дома, потоа да седне и да молчи.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Околу таа црвена дамка само уште денес, и можеби најдоцна до утре, ќе се збираат неизлечивите љубопитници: ќе стојат со рацете во џебовите и одвреме-навреме со малку смртна трема ќе погледнуваат угоре обидувајќи се да го измерат тој пат на ужасот од работ на терасата па сѐ до врвовите на нивните чевли, и притоа ќе се трудат да останат на разумна оддалеченост од грдите белези на смртта.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Повеќе