стресе св.
стресен прид.

стресе (св.)

Му закажав војна на инаетот од инает сакав да го згазам и закажав војна на омразата зошто и неа ужасно ја мразам Му закажав војна на гневот го прогонував и кон него се гневев му закажав војна и на гревот за малку и него ќе го средев Му закажав војна на стравот и сакав од страв да го стресам му закажав војна на егото и него да го обесчестам Му закажав војна на лукавиот и лукаво сакав да го сотрам ѕверот се разбуди во мене да го уништам и него ќе морам Си закажав војна со себе безпоштедна со премногу мртви си закажав војна без крај војна со страдања и жртви
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Дотрча зазбивано во училиштето и коските ни ги стресе од уплав.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Првиот пат кога слушна пукотници во далечината која беше доволно блиску до мирот во кој живееше и од кој спокојно можеше да филозофира за состојбата во земјата, се стресе.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Ѝ се стресоа рамената и Циљка виде како меѓу прстите на мајка ѝ, потекоа солзи.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Но, откако порасна направи дела од кои душмански племиња в страва се стресоа...
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Јас ќе се стресам: кај им ги носат нозете и рацете со кои се служеле дотогаш, господе?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Пред тоа сѐ беше како и што треба да биде во еден обичен зимски ден со сиво небо, полна мешина обесена над густите дабови, бессилни да го стресат од себе жолтиот покрив на восочните лисја.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Бојан се стресе од силен страв и бргу се вовлече во колибата, затворајќи ја вратата зад себе.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Отпи малку, му се стресе раката или устата, и останатото од чашата се излеа на земјата.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Везден молчи, сепак само глас да крене – лисец ќе се стресе волк ќе фати џенем.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Леските се стресоа, исто како на тоа место да се разбуди некој одамна изгаснат вулкан, снегот се разлета на сите страни, а оттаму уште во истиот миг се подаде огромното црно клопче на телото на оној негов прекрасен, како излеан од некој црн метал настрхнат самјак, чиктисан уште со својот прв скок, со кој што излета од леските, право кон него, право кон чамовото стебло крај него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Си згрнал народ под Гоцево знаме да стресеш ропство и темен гнет в народни срца запалил пламен да фрлат јарем султански клет.
„Мое село“ од Ванчо Николески (1950)
„Ами ако разберат другарчињата оти за неа дојду?“ — се стресе и просто ги избегнуваше сите нивни погледи, плашејќи се да не му ги прочитаат во очите неговите мисли.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Мрдаше со рамениците да ме стресе, мавташе со нозете да се ослободи од живото клопче што го тргаше кон земјата.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Студенилото на спалната соба ја стресе низ тенката ноќница, па триејќи си ги рамената со рацете, дојде до прозорецот.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Се стресов, чувствувајќи го истрпнувањето на телото, како самиот да паѓам во празно.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Фрлен на ѕидот, додека пред него минуваа исклештени карневалски маски, се стресе од оној непријатен грч во стомакот што секогаш го напаѓаше од реата на толпата.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Сликарот го прочита писмото, повторно го полазаа морници и повторно се стресе.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
А Крстовица првин се стаписа, се слиса, ѝ стежна срцето, се стресе како да ја зграби студешница, нешто стопоти во неа, саклет ја стегна, ја сподави, пред очите сѐ повеќе ѝ се згустува мракот, се свиткуваат гредите, се навалуваат ѕидовите, стега таванот, нозете супрашка ѝ ги пече и санкум скудоумна, олелека најпрвин тивко, болката во липтежот ѝ ги искриви усните, ѝ го огрде лицето и, гледајќи наоколу со молбен поглед, подаде раце...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Вратата ни ја отвори мајка ми. Јас се стресов од ужас.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Повеќе