филџан м.
филџанче ср.

филџан (м.)

Полека да крка на спуза сѐ додека не се подигне кајмакот и кога просторијата ќе се наполни со мирис, тогаш се тргнува настрана, малку се остава да одмори од вриењето и полека се сипе во филџанот.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Во меѓувреме во библиотеката влезе госпоѓа Камилска со две жолти бакарни ѓезвиња со сварено кафе и два мали филџани во бакарна навлака и две мали празни чашки.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Кафето не му остава знаци во испразнетиот филџан.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Штом се вратив од чаршија ја фатив мрзата за шија цел ден по сокак дрдорела сармата скроз ја загорела Куќата цела ко кочина не можев да отпочинам филџани стојат на масата а мрзата мрсна небањата Нервозно кренав паника и сукало дебело заигра комшилук сеир гледаше назад кај татко бегаше
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Сакам со тебе да го изненадам Саво, а историјатот за нашето патешествие ќе ти го раскажам со филџан кафе.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Но стрина Спасија уште погласно пиштеше и си ја корнеше косата, зашто од очите на Руса ѝ течеа солзи право прудолу по секотините и право прудолу со секотините се чинеше ќе ѝ истечат и очите со боја на модар јоргован и големи колку филџани, толку што беше огрубена.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На масата немаше ништо, никаков остаток од појадок или филџан од испиен чај, масата беше без ронка или дамка по излитената мушама, дури и без грлестата вазничка со некое од нејзиното ситно цвеќе во дворот.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Го миеше подолго отколку што требаше, задржувајќи ги прстите под топлиот млаз вода уште неколку секунди откако филџанот беше сосема чист.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Време е за пиење кафе и белолаглави старци седнати крај масите и потпрени на крлуци, го чекаат својот филџан. Ги поздравуваме, ни отпоздравуваат.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Штом ќе се разгласеше дека војната завршила, луѓето сета комина што ја имаа (од сливи, од дренки, од муренки, од грозје, од кајкушки и оскоруши) ја вадеа од бурињата и ја носеа на казаните крај езерото да ја печат; се носеше и комината од црковните сливи и лозја и деноноќно се печеше ракија, и деноноќно се пиеше; пиеше старо, младо, машко, женско; како што капеа казаните - така луѓето со чашки, со филџани, со канчиња, со матарки, црпеа од ракијата, пиеја, наздравуваа еден на друг, ѝ наздравуваа на слободата, се бацуваа, пиеја колку што душата им сакаше и не им сакаше, кој како ќе се испијанеше скокаше сосе алишта во езерото или пак луѓето го пикаа да го оладат и отрезнат; но по секое отрезнување - започнуваше ново пиење.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Во филџанот, разделбата ја демнеше љубовта, ја затемнуваше и ѝ го затвораше патот.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Филџан кафе од кој се крева последниот страк пареа.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
А ако си смислила да го немаш филџанов да го ставам в џеб. (Сите се смеат.)
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
— И јас овде имам дете, велам и солзите веќе ми се закреваат оздола, ми капат во филџанот, во кафето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Рози испи два филџана кафе со тост и џем и излезе надвор во градината да ја бара Кети.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Две свршеници оставил. Првата му донесла в кафе мува, паднала во филџанот, а не видела.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Зоре, разумно суштество, само ги подигна трите празни филџани и пепелникот полн со догорчиња од соседната маса и со неизмерната полунасмевка влезе во кафулето.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Еден наш роднина во градот порача кафе и кога виде дека нема кајмак, му се пожали на келнерот, а тој, пезевенкот, се врати во кујната и во филџанот плукна неколкупати.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Во пепелникот до филџанот нема отпушоци, ама има купче згмечени метафори.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
Деновите ги трошеше седнат во блиската кафеана, што беше обликувана во форма на еден голем филџан за кафе, во чија внатрешност се вртеше, како избезумен, тутунов чад, прикривајќи го видикот на многуте светлечки рекламни паноа и слики, сместени на темните ѕидови, како налепени парчиња смола врз дрвена кора.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе