чауш м.

чауш (м.)

4. Сетики знаете дека има разни коали Има коали чауши и обични мали гладни коали Има коали со здрвени вратови Од сонување саде во една иста положба Има коали кои не гледаат ни централни ни споредни вести И ич бутур не им е заради тоа Коалата не е коала ако не грицка лисје од еукалиптус
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
Кога поминаа пред конакот, ја видоа мудурот, мулазимот и некои чауши, па си велат меѓу себе: „Бак, бак, ѓузел ѓелин", и му остана на стариот мудур Рождонката во умот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Се изненади мудурот, се изненадија ќатипот и мулазимот, башчаушот и чаушот кога видоа жена — каурка да фаќа рака со Турчин.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Седел со пушка на коленици и наведнат, некако чудно и длабоко под превезот на свои тајни, што бездруго не можело а да не се поверува дека веќе и не сонува да ѝ стане чауш на дружината ако некогаш некој занес го подбуцнувал кон таква славољубивост.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Уште на одењето чаушот си ја зеде пушката на готовс.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Чаушот нареди да се сардиса куќата од сите страни, а еден од заптиите прати да го известат муљазимот и кајмакамот.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
За тоа време, додека се седеше и се вревеше заедно, јас сепак забележав како тие тројца одвреме навреме си праќаат ишарети, додека вториот помошник пак не стана божем по мала нужда, а се задржа трипати по три големи нужди, и мене тогаш ми стана јасно дека тој ни ги враќа украдените пљачки од нивниот шлепер во нашта кола и пцува мал да си најмал да не си и да не работиш залудни работи што не ги работат постарите, кои не прават дупки во вода туку си пијат вино, зашто чаушот нивни заради шише вино си ја продаде душата и помисли дека овие клатикуровци се од наша фела, па ај да не им земаме работи што не им требаат ами да се провеселиме на нивна сметка, и до зори ако ни заоди.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Овдека секој работник имаше број и мораше да го носи закачен на градникот, како робијашите во Ерзерум или Диар-Бекир, а чаушите евиденцијата ја водеа по број, а не по лице.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Втасаа и другите аскери, та и чаушот; го распраша кај оди, и кога чаушот го позна кој е, го пушти со заповед да се враќа побргу, да не замркне во планината или да не ги најде комитите, та и тој да стане комита.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Како чауш и башчауш во јаничарските редови Мехмед во неколку крвави борби во Персија и Анадолија се одликува со вонредна храброст и јунаштина, а особено со војнички способности и многу придонесе за успешниот исход на борбите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Трчаше пред аскер бимбашијата на својот арапски коњ, им даваше зорт на јузбашиите, мулазимите, башчаушите, чаушите и онбашиите да го стегаат аскерот, што побргу да накачува на нагорништето, за да дојде до целта незабележан уште неразденето убаво, но аскер како аскер, се влечкаше тромо и, спротивно на офицерските желби, не сакаше да влегува во борба ноќно време, оти не можеше да види што ќе нагази и откаде да се пази.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
По примерот од Челебијата, сите чауши, почнувајќи од Ѓузепа до кир Андона беа си фатиле по една посестримка од младите мариовски невевчиња и чупи и секој секоја вечер се шеткаше со по една низ боровата гора, играше до неа на орото во неделините и ја водеше во својот стан сат два пред пајдосот за неколку бели череци месечно, некоја гривна, обетки, прстенчиња, синџирчиња и за некоја и друга натпишана надница.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Бабата се заврте назад и сакаше да влезе во одајата, каде што се смееја Шаќир и Ѓуро, но тие веќе беа нарипале од тропањето на портата, а гласот од чаушот ги запрепасти.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Онисифор Проказник од своето засолниште веќе можел да им ги види лицата: најстариот, мажиште со виснати жолти мустаќи и со тешки веѓи на арамиски или кираџиски чауш можел да му биде татко на најмладиот сѐ уште не во годините на Перуника, на другите, испиени и брадосани од планински живот, тешко можело да им се определат годините.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Само тој со три илјади души кондиса во Маково, давајќи си ги своите наредби на потчинетите бимбашии, јузбашии, чауши, башчауши и други воени лица.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Плус, иако татко ѝ не беше во текстилниот бизнис, тој беше познат битолски чауш имаше многу контакти низ цела Македонија но и пошироко на балканот.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Секој од беговите – поединци имаше по чифлизите свои луѓе: ќаи, буљукбашии, сејмени, гавази, чауши, и којзнае уште колку други ушаци, маѓери, арамбаши, субаши, кои ја составуваа неговата лична одбрана и сила, со која ги држеа во покорност сите христијани по своите чифлизи.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Се фатија некои и од милосниците на чаушите и сејмените, та ја донесе тој натемаго и црна Стојна Ѓупката, милосницата на Аќифа. И кај ќе се фати — до Проќа Толева.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Јас сега ќе наредам деврие низ селото, караули по сите патишта, а еден чауш лично кај тебе ќе караули.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Чаушот се врати: Санџак-бегот вели да си одиш! Имаш друга работа и овде не ти е местото!“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе