штама ж.

штама (ж.)

Ливадата на ова сосем голо теме од моето присуство облик ќе си земе достатен за сите чудесни каприци што висат со набој на две овчји цицки во оваа прва архетипска штама прецизно се слушам како блеам сама се одбивам и пуштам во чисто звучни пруги моето ткиво да пропадне во флуид ливадата ин виво бесконечно ја рудам ме нема, ме нема не знам како пеам и зошто се трудам Знам, моја силуета но друга овца шета со оваа шепа.
„МАРГИНА бр. 2“ (1994)
По сокаците чекорат кондури с клинци ковани, штамата сечат с ножови и пијат вино румено.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Потоа царее штама, несфатлива во споредба со сѐ ова што овде се случувало во предпладневните часови.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во црквичето штама... саде откај левата - женска страна се прогласува стишено липање... жените ја тажат тагата на Мајка Богородица, ама и својата тага по умрените.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Јас и денес треперам кога ќе видам детски домови, сѐ уште мислам таму е таа глувост, таа неподвижност, таа штама.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Луѓето живееја во штама, без светлост навечер и со собран здив.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Поворката е нема, а слична штама е легната и над селото.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Татнат ударите врз вратата во мракот - сѐ додека завесата и нив не ги придуши. Штама. Завеса.)
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Се огласува штамата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Штамата чмае, штамата дебнее пуста проклета, како ли, боже, чумата в коските сичко стегнала.
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Тишина... да речам - дури штама во станот... се слуша само рамномерното чукање на ѕидниот часовник.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
17. Сега е само зборот негов дом и дом на секој на помнежот што му се радува Не беше тоа патот што води од ништото во ништо Трепетот на крвта се провира под божилото на светлиот лак кон пределите идни на биднината Го изоде тој патот на правот ѕвезден свој расеан во темнината Очите негови гледаат и болот отаде штама и болот како во огледало ликот што му го враќа со невените на надежта Среде нив зората таа убавата посестрима во прегработ го пречекува на недоречените зборови И тој провирање меѓу ридја и луњи низ градини пробудени и вирови на пронајдениот збор станува онаа светлина што го пројаснува мракот и ја открива прелагата темна на смртта Зборот е сега негов дом Дом е на светот низ кого песната оди и раскражува за муграта и виделото што виши со помнежот над ништото
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
- Настана долга пауза, штама, која траеше сѐ додека не се паркираа пред нишкиот парк.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
И, се чини, токму во моментот кога тој штамата во мракот ја имаше проникнато до нејзиното можно дно, чу... Не знаеше што чу!...
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Во тој таков момент, само во еден краток миг, ја слушнав штамата во ноќта.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Настапи штама. Луѓето очигледно беа и вчудовидени и речиси исплашени зашто, по пауза, Стамен Мивката рече: „Луѓе! Ако е ова вистина, којзнае што не чека!“
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
- Кој е... Тоа го викна тој. Гласот му остана во стегнатото грло. Штама.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
9. Се гласи ноќната шума и попусто вика да запреш ти не слушаш ни каменот го гледаш ни повејот што јакне не слушаш те мами сал ноќта и тие светлината в сон што им иде дур попусто некој те вика и чекорот твој свиден ти не слушаш Час е неречената песна ѕвездите кога ги виши во штамата на светот и притаената мрака што сака под тие светила скришни да ти го згасне летот ти не слушаш Истрел ги собори ѕвездите Самотнику дали го чу И како да го чуеш во итањето во тоа итање убаво на усните со зборот што ги раскрева урнатините на ноќта и во заборав ја истава црната стија на биднината Радост на итањето твое по ранетите лисја по премалениот шум сал муграта твоја ја знае и истрелот само ја чу
„Елегии за тебе“ од Матеја Матевски (2009)
Во одајата завладеа штама. Клатното на ѕидниот часовник само се нишаше и правеше: - Тика-така! Тика така-така!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Јани прекина и лакомо влече од цигарата. Тишина, штама, колку за прездив.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Повеќе