измами св.
измама ж.

измами (св.)

Ангели тропнаа на вратата, ти отвори и ѓаволот влезе, те измами, те прелага и рака за рака замина со него...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Ќе се роди кај некого желба да измами другого, ќе се појави желба да се излаже, желба на лесен начин да се дојде до корист, преку грбот на други.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
И покрај тоа што на вратата се повторува договорениот знак, тројца во собата заземаат позиции што не допуштаат да бидат изненадени и измамени.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Квалитетот на песната измами громогласен аплауз.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Откако ги пратив своите молби, ги проколнував и писмено и усно, навалував и ги окупирав, бев вџасен кога видов дека тоа го сфатиле сериозно и дури и го направија, и постапив како што немаше постапено ниедна црна овца дотогаш: не отстапив, не ги измамив, туку ја прифатив работата што ми ја најдоа.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
О, јас најдобро знам колку сеќавањата умеат да не измамат! ) Тоа утро покрај Пребег ме заскокотка отвореноста со која Иван застапуваше некои од своите сознанија и претпоставки.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Епизодата на пописот на козите е навистина антологиски извадок, а во исто време, постапката да се измами едно население во името на прогресот, лишувајќи ги овие животни од живот е толку монструозна.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ги измамува луѓето...и само со поетите има допир силен ко најприсно сливање.
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
И зошто навистина не ја силував Луција онаа ноќ? (Таа, всушност, лукава како и секоја жена, ме измами, ме надмудри, оти навреме се предаде: јас само сакав да ја силувам, да покажам извесна надмоќ над неа, како одговор на нејзината партиска декларираност; но таа тоа го сети и во клучниот момент се предаде, да ми го оневозможи тоа задоволство, затоа што Партијата, општеството, нацијата и семејството ја научиле дека е недостојно некој да те силува; така таа, со тоа што се предаде, најде алиби за силувањето, и сакаше скандалот што долго го планирав, да го претвори во регуларен сексуален однос; тука пак, јас киксирав, оти се исплашив од она нејзино ненадејно движење).
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Кога, пак, тој ѝ раскажа што била работата, таа плесна со рацете и рече дека треба да оди директно кај началникот на полицискиот реон, дека блоковскиот ќе го измами, ќе му вети а потоа ќе го влечка; дека е најдобро да оди направо кај началникот, дека тој ѝ е дури и познајник, зашто ×ухонката Ана, која порано работела кај неа како готвачка, сега е дадилка кај началникот, дека таа често го гледа и него лично како минува покрај нивната куќа, и дека тој исто така секоја недела е в црква, се моли, а во истовреме ги гледа сите со весел поглед и дека, според тоа, по сѐ се гледа дека е добар човек.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Ме носи под земји, ме крева Над облаци, ме гори од мрак- До зори, со сласт и пороци Таа река која гори, гори Да ме согори, да ме измами Со жарот, од боговите дарот, Кога сме тажни и осамени Сами од себе заборавени?
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Во секој случај, имаше изглед на човек со кој може да се разговара, доколку на некој начин се измами телекранот и се начека насамо.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Ми одговори со мисла: Измамниците се измамени – тоа!
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Кога заврши претставата, со грмеж во салата (дали како сценски ефект или како ровја над градот, не беше јасно), а светлата се запалија во гледалиштето, актерите излегоа пред спуштената завеса, избледена и излитена, па долго и длабоко се поклонуваа пред публиката измамувајќи само млак, пристоен но повремен аплауз.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Сртот на планината блесна од изгрејсонцето така што виделината му го измами погледот на Србина нагоре и не забележа кога ефрејторот се најде зад Шишмана.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Едното око, нешто понабабрено отколку кај жив човек, застрашувачки гледало во пламенот на нивниот факел, устата се доискривувала како пред несфатлива смеа, чиниш пред тоа тој итречки му се доверил некому дека ги измамил противниците со тоа што се исправил во прозорецот кон блесокот на нивните пушки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Епизодата на пописот на козите е навистина антологиски извадок, а во исто време, постапката да се измами едно население е толку монструозна, во името на наводниот прогрес, лишувајќи ги овие животни од живот.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Но бидејќи сме измамени, и со измама самите себе сме се измамиле од сопствената свест, те. од личниот свет на доживување - таа единствена смисла со која би можеле да го даруваме надворешниот свет - резултат на тоа прилагодување на општеството, е тоа што истовремено сме намамени во илузијата дека секој од нас е издвоено, „со кожа обвиткано его”.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Но луѓето се жалеа: „Ах, нѐ измамивте со таа ретроспекција”.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
- Самиот себеси се измамуваш.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Повеќе