пола (ж.)

На левата страна под подотворената пола на палтото му се гледаше синџирчето од часовникот.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Прибирајќи ги есено време коњите, Вите видел убави орници со богата паша, па една есен си направил нешто меќанец — колипка — во полите на овие високи планини, презимувал, а пролетта си ги дотерал и овците и говетцата.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Врисок и плач на жени и дечиња кои грчевито се држат за мајкините поли.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Кога се приближи, се најде пред голема тешка порта со вратниче на едната пола широко колку човек да се протне низ него.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Го остави чешелот и стана од тапацираното столче префрлајќи ги една преку друга полите од бањарката и врзувајќи го коланот.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
12. ТЕ ФАТИ ЛИ ЛОШ ЧОВЕК ЗА ПОЛА - ти сечи ја, остај му ја в рака, макар потоа да останеш и гола бар не ќе си за таква врата квака...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
Потоа се протна низ подотворената пола на портата, ја испешачи патеката до влезниот и се најде на терасата пред двокрилната дрвена врата на која беше одвај распознатлива некогашната сина боја на која некрологот поставен и тука делуваше како новина на куќата.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Капата накриво, црната коса развеана, две копчиња од кошулата откопчани, ветрецот ги фрла настрана полите од војничката блуза и под кошулата, во ритамот на чекорот, потскокнуваат јадрите момински гради.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Го гледам ме вика со прстот. Потрчувам и, трчајќи ми иди да му бацам рака, да го бацам в чело, на полите од шинелата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И од оваа мимолетна средба, неочекувана и ненадејна, во устата почувствував горчлив вкус, а во пазувите студенило што ми го праќаше павтежот од полите на зелениот мантил на тој човек.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Со левата рака ја држеше вратата за кваката одвнатре, а со десната беше потпрена на другата пола од вратата и чекаше со рамнодушен израз на лицето да биде што ќе биде.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Затоа Доста сега засука поли и ракави и почна да се спрема да испрати и дочека, да дочека и испрати два табура сватови.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Вратата се разгрна полека, но наместо да се појави остар јатаган, се појави една сејменска глава; се опули во собраниот куп и се насмеа. – Се собрале како пилиња под квачка – проговори и ја отвори едната пола на вратата. Му се поклони длабоко на тој што беше зад него. Му направи темане: – Бујрум, кади баба. Тука се како лисичиња.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
На патот што се виткаше по стрмната пола на планината постојавме неколку мига.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
„Ме исплаши“, рече прибирајќи си ги нозете една кон друга и загрнувајќи ги со полите од бањарката, подисправајќи се на тоалетното столче од што задникот пред моите очи како да ѝ заигра, предизвикувачки, како да ѝ се смали и да ѝ стана поподатлив за моите веќе полакомени дланки.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Никола ги прибира полите од дебелата волнена наметка, се спушта крај искршеното и издупчено широко канабе претрупано со разни книги. Гласно пребира по книгите.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
На челниот дел од куќата, под стреата: срце, прстен, токосани раце, ангелче, венче, и во нив: почетните букви од името и презимето на домаќинот и годината на градењето; балкони: украсени со елементи од железо или ламарина во форма на триаголник, четириаголник, ромб, ромбоид, круг, трапез или со гипсени елементи во вид на амфори, во вид на подлактени раце или сосем едноставни со парапети кои завршуваат со коритца за цвеќиња; чардаци: долги колку што е долга и куќата, со пармаци, со плотици од костен, од даб, од јасика; на чардаците испуштени башлаци над кои висат мали куличиња низ кои може незабележено да се ѕирне во дворот, на патот, или во време на војни и арамилак, да се протне цевка од пушка и да се направи пусија; покриви: со рамни или со стрмни стреи, со испуштени чакми и кучиња, со поткренати маи како крилја од птица, со издолжени предни страни како козирка од капи, или прекинати со предниот ѕид што се крева нагоре за да го затскрие покривот; вратите: со една, со две поли, обични или со нутифедер, со украсни бордури на секоја пола, со надвратни прозорчиња застаклени или опшиени со мрежа за заштита од секакво гадурии; на вратите жапка или шуличе што се отвора со стап кој постојано е врзан на вратата, ѕвонец што ќе чукне потивко или посилно, резе со катинар или брава донесена којзнае од каде; прозорците: широки, европски, или пак тесни со по неколку крила доближени едно до друго за што подобро да ги осветлат просториите; оние што се на долниот кат и низ кои може да се ѕирне, заштитени се со железни прачки извиткани во разни форми; кај што нема железни пречки - дрвени капаци испукани од сонце и дожд, но кои ноќно време убаво ја затвораат куќата како дланки склопени на очи или како мравкини дупки.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Мандалото се поткрена и ја пушти десната пола од вратата, та оваа се отвори.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Кога виде дека не стрелаа на неа, се поткрена, ја отсурми и ја отвори едната пола та излезе на уличето.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Ја тргна едната пола, малку почека, чиниш нешто заборави, потоа другата и пред очи се откри румена, миризлива, од страните лесно потпечена и сѐ уште топла ... тиква.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Повеќе