поле (ср.)
Ќе ги ставиме комарниците преку глава и ќе нѐ пуштат в поле.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
- Песнава моја е ѕун на полето - еднаш испеана стопати ќе екне.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Цел живот сум трчал низ полето и селото, чувај го, барај го овој, барај го оној и - ништо!
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Скаменет ја успивам и последната ѕвезда И храбро го напуштам полето: - Може за друг црвенеат цветовите?!
„Камена“
од Анте Поповски
(1972)
Полето врело клокоти под ова црвено небо птицата чудно цвркоти крај еден овенат шебој ноќта необично глува за оваа доба од годината гората пеколно сува една ѕвезда од небо е скината Еј ти усто зината во нас пленот што го препозна животот вреќа е скината со староста тоа го дознав 2002
„Сите притоки се слеваат во моето корито“
од Марта Маркоска
(2009)
Кревалката е да ја крева маглата од полињата на страстите да не им пречи на сите кои во занес плетат корпи за брање свежи воздишки
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)
Цел ден што патував и на пладне стасав до едно поле и ево ти двајца луѓе маж и жена кај си косеа една ливада.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Па си зеде мечот в раце се истрча во поле да си шета лутината збрана в гради да ја отфрли сакаше сета.
„Поетски блесок“
од Олга Наумовска
(2013)
Дека уште утредента ако не и истиот тој ден можат тие туѓински војници да се појават во полето помеѓу двеве планини.
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Зората во моето поле е како виолина напрегната Ридовите молчаливо руменеат како мислата на мене а гулабите играат во синевината како нашето чекање Виолината го крие во росата цвркотот на будењето Тој е како твојот смев набрекнат во младите гради Сонцето заигра по жиците и плисна млеко на музиката по сонливата трева Зората се кикоти и примира од смеа...
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
И до кај десет саатот дошол во крајот од полето и видел еден пат кај што оделе луѓе.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Додека ја водев мојата свршеница кон твојот румен извор лулееше на своето здолниште цело едно мирисно поле.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
За нив татко ми прикажуваше оти тие биле брат и сестра и ич не живееле како што рекол Господ, та беше ги колнала мајка им и татко им да се сторат пилиња и да одлетаат в поле, та да се бараат и еден други и да не се најдат.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Тажно е и да се погледне о Родна грутко додека те разнесуваат по полето заскитани светулки.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Падна, сине, ти на трава в то широко поле, душа даде, душа нема, без да кажеш слово ни за мајка, ни за либе; крвта ти истече как на рудо, сине, јагне, младо и безгрешно!
„Крвава кошула“
од Рајко Жинзифов
(1870)
Во старите пописни книги на населението и имотот, во тевтерите на воените и даночните обврзници, па во хрисовулите на византиските императори, Потковицата се споменува како феуд или црковен посед, а во ферманите на турските султани, испраќани во врска со собирањето на даноците, со ајдутите, со побуните и казнените експедиции, како султански имот, Хас чифлиг, под името Загориче, кој, најверојатно, зашто се најдува точно на границата помеѓу Битолско и Прилепско Поле во различни времиња потпаѓал под управа де на едниот де на другиот град, но за луѓето кои живееле тука, за нивната раса, религија и бит ништо не се споменувала.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Па март штом ќе стапне со мирис на лето полето ќе вивне в зеленило сето.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Сред поле долапот се врти сал се врти се цеди од него водата се истура и шурка и сонот блика по земјата што 'рти додека човекот спотнат кон небото го турка.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Партизаните на ДАГ се спуштаа по стрмните планински удолници и густите шуми и на приодите пред градот паднаа во минските полиња и беа пречекани со урагански митралески и автоматски оган.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Достасаа Озновци од Прилеп и од Битола; иследуваа, сослушуваа, држеа конференции и кога не им појде од рака да посочат кој го убил Пената, прогласија дека реакција во Потковицата има исфрлено комити во шумата, дека тие, комитите, дење си седат дома и работат по полето, а ноќе бегаат во гората и убиваат, па ја вооружија младежта и почнаа да ја пребаруваат шумата.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)