време

мн. времиња
Вид збор: Именка, среден род
Ранг: 29
1. (само едн.) Една од двете (покрај просторот) основни форми на постоење на материјата.
Англиски: time Српски: време Албански: kohë Бугарски: време Грчки: χρόνος
Употреба: Физика
Примери:
Времето и просторот се двете форми на постоење на материјалниот свет.
Времето не може да запре.
2. (само едн.) Траење на нешто што се случува или што постои (мерено со секунди, минути, часови, денови итн.)
Англиски: time Албански: kohë
Примери:
Ти давам време за починка.
Малку време се врткаше околу куќа.
По некое време тој изби во првиот ред на групата.
3. Соодветен период, рок во којшто треба нешто да се збидне.
Англиски: time
Примери:
Остарел пред време.
Дојде време за земање.
Не е време за дождови.
Време е да се кренат, да се побунат.
Жени се, времето ти поминало!
4. Период од историјата, период поврзан со името на некоја личност.
Англиски: period
Примери:
време на учебникарството
пагански времиња
Во времето на цар Соломон.
апостолско време
5. Доба, период од денот, од годината.
Англиски: season Албански: periudhë
Примери:
ноќно време, пролетно време, летно време
Време на дождови.
6. метеоролошка состојба
Англиски: weather Албански: moti Грчки: καιρός
Примери:
Времето се смрачи, заврна.
лапавичаво време, ведро време
Времето е ветровито, студено, променливо.
Времето беше суво.
7. Граматичка категорија со која се определува глаголското дејство во однос на моментот на говорењето.
Латински: tempus Англиски: time
Употреба: Граматика
Примери:
минато време, сегашно време, идно време
8. Резултат во некои спортски дисциплини.
Англиски: time
Употреба: Спорт
Примери:
Маратонците постигнаа одлично време.
Изрази
Без време - мошне рано, предвреме.
Губи време - прави нешто залудно.
Во старо време - далеку во минатото, многу одамна.
Мое (твое, негово) време - на мои години, на моја младост.
Тешко време - тежок живот.
Кучешко време - многу студено време.
Ниедно (никое) време - многу доцна во ноќта.
Едно време - некогаш, одамна.
За вечни времиња - засекогаш.
Кое време е? - (разг.) колку е часот?
На времето - некогаш, многу одамна.
Од време - од некогаш, од многу одамна.
Во прво време - на почетокот.
Работно време - задолжителни работни часови.
Од време на време - понекогаш, повремено.
Ме (те, го ...) прегази времето - станал застарен, несовремен.
Време слама продава - за сè има погодно време, после може да биде доцна.
Изведенки
временце ср.
дем. и хип.