ветре (ср.)

Од секое дрво друго ветре се мешколи и ти шумоли ко човечки говор со притаен кикот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тивко ветре завеваше, свирејќи низ голите гранки... откинувајќи ситни праменчиња мов од стеблата на буките...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Трепериш како булка на мајско ветре се тетеравиш од годините врз плеќи молчиш како икона нацртана од крвој се виориш како барјак исткаен од светлина
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Се згрчи ветрето крај барата и умре полека со непозната смрт.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ручекот заврши дури доцна попладне, кога првото свежо планинско ветре се извлече од сенчестите кории и се разлеа по ливадите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ти кажувам еднаш не треба не знам колку пати да ти се повторува овие три топлинки покрај тебе се како пламенче од кандилче најмал повеј на ветре или студена рака што врз нив ќе се подаде може да ги угасне ама ти пули и прави грижи се варди ги заштитувај ги со што ќе стигниш закрилувај ги со сопствената топлина со својата љубов оти нели се тие деца на нашиот син па затоа два пати думај пред да ставиш залак в уста дали не треба во нивните да се подаде за да се прескокне зимата за да се прескокнат годините за да останеме јас и ти во нив!
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Веднати, тие се губеа во високо нараснатото жито и само одвреме-навреме по некој ќе се исправеше колку да излезе од заветот, каде што беше пеколно горешто, и да го фати малаксаното ветре.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Стреперив сиот зашто и по третпат очекував да зафучи студеното ветре околу моето срце и да се вознемири стаената темнина во моето сеќавање, во кое се беше счучурил, уште со првиот поглед.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Тивкото ветре што струеше од реката го зафаќаше мазното лисје на мамутските тополи што долги години самееја спроти тврдината небаре решени да ја надвишат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Од југ им се доближувало топло ветре.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Благо го разладуваше западното ветре на преријата.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Некаде длабоко во себе го чувствуваше шепотливото шумолење на трепетливите лисја од тополите, нивното палаво поигрување со летното ветре откај Осоговските Планини.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Листовите на фикусот поставен на балконот трепереа и од најслабо ветре, а сенките што играа на прозорецот секогаш личеа на човек, лош човек кој демне и чека погоден момент да ме грабне.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Тогаш, о, возљубени читатели, почувствував како некое топло ветре со миризба на босилек и темјан ми ги наполни градите и прилегна на местото, на празнината кај што ми беше срцето.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Ветрето што веднаш навасува во дворчето ја омекнува атмосферата: никој не сака внатре, туку се вадат маси и столици во галежот на ветрето.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Пред да ме здогледа или да го здогледам, сетив студенило околу срцето во ветре за кое не знаев од каде доаѓа, но знаев оти е предвесник на Рибоокиот, и оти Рибоокиот е тука некаде и ме бара.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Во секојдневните претпладневни звуци што го огласуваат животот во планината: црцорот на штурците и скакулците, брмчењето на пчелите и мувите, повременото шепотење на кориите низ кои мрзеливо се провлекуваше утринското свежо ветре, ѕвонежот на невидливите стада, - Бојан насети и брчење на автомобил.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Кревка и пердувеста, неа повеќе ја креваше и ја носеше јужното ветре, отколку што таа чекореше по земјата.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Оставија само расфрлани книги по подот, оставија неколку откорнати штици, под кои не пронајдоа ништо, ја оставија вратата отворена; вратата чкрташе како ѓаволот сето време потоа, а онаа стара жена, стопанката на куќата, што живееше во собата веднаш спроти онаа отворената, неколку дена немаше смелост ни да ја затвори и по цели денови одеше изврзана со крпа преку ушите за да не ја слуша како чкрта и при најлесно ветре.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Лежеа секој со свои мисли и свои чувства, со полни гради под кристално чистото небо, милувани од тоа речиси несетно ветре.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Повеќе