забега (св.)
Ќе ти влезе во свеста
ќе ти се пикне под кожа
ќе забега во зоната на интимата
и оп, еден ден ќе му појде од рака
да го состави она што ти си го скршила
да го препише она што ти си го избришала
да го ископа она што ти си го потиснала
длабоко во тебе, со луд ум на лавина
да го открие она што си го забранила
за јавна употреба;
ќе ги размрсува и повторно
ќе ги замрсува знаците-јазли
на твојот личен и на
македонскиот синдром
ќе си поигрува со преобразбите
од дамнини до иднини
од лично до колективно
ќе ги претвора софистицираните искази
и поетските евокации
во егзистенцијални слики
за да ја долови речито сочноста
на твоите исконски мори
на твоите детски занеси
на твоите судбински
застранувања;
можеби ќе те надмине
со помош на вродената
смисла да глуми
да ја игра улогата на другиот
да се губи во другиот
небаре голтнат од ништото.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
- Абе ја не сакајќи слушнав еден муабет на едни цури што се клештеа за некое место во кое забегале не сакајќи коа искачале во град.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
И уште веднаш оној застојан мршар скокна од своето место и забега надолу, занесувајќи се и кревајќи со своето лудечко отскокнување по удолница една чудна виулица.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Може сте чуле дека јас забега дури во Бугарија, лели?
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)