совладува несв.
совладување ср.

совладува (несв.)

Неговите книги ја имаа моќта да ги совладуваат границите.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
По уморните клепки на бегалците им се лепеше сон и само со краен напор се совладуваа да не заспијат во длабок сон.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Тој веруваше во прогрес кога се совладуваа границите, наложени од морално поделеното човештво, само хармонизирањето на разликите може да ја оправда човековата егзистенција...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
И твојот лик да не е кој сега би не подучувал како се совладува времето под нозе што ни копа мислата што ни ја јаде и надешта ја гори.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Немаш човек да ти каже нешто и стравот уште повеќе те совладува.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Знаеше дека веќе се гледаат себе си како го совладуваат длабокиот снег, а знаеше дека ќе биде најдобро кога би ги држало тоа до вечер, сѐ додека не стасаат во селото. Го ценеше тоа чувство во нив.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Предолгите нерамни и скоро кучешки заби диво се разголуваа под слабата селанска светлост што ни на ноќта ѝ се предава ни ноќ совладува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
ПРОКЛЕТНИЦИ, КЛЕТНИЦИ, КЛЕТИ на јарбол, во црн превез свиена клопка со животна идила црн превез со проѕирни букви покривач со јадни пцовки ја остава во минатото небиднината со срце поцврсто од камен чекор по чекор ја совладувам иднината...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Совладувајќи ги сивите планински масиви, со бели црквички на врвовите како орелски гнезда.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Животот ме товари со полни бисаги страдања, та морав да ги совладувам премрежијата што секојдневно ми стоеја на патот.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Така што, на испитите пред менторот и комисијата, Миха мораше многу да внимава и максимално да се совладува кога одговараше на прашањата од старата школа да не му се провлекуваат и одговори од новата.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Старите антички и средновековните армии беа без кохезивно единство, се исцрпуваа со осаменичките и очајнички подвизи на ритерите, со нивната дружина, па затоа беа лесно совладувани од организираната Османска Империја, која благодарение на своите јаничарски ешалони траеше повеќе од пет века.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Кога жените се исправиле под светлоста на месечината чудно танки и штрклести дури и во подгрбавеноста и кога пошле кон своите куќи во чии прозорци лежела магличеста светлина, Лозан Перуника, со стиснати усни совладувајќи го во себе отпорот на осаменичкиот страв, дошол до гробот заграден со пет пламенчиња за петте покојници од дванаесет до шеснаесет години и се потпрел со острите коленици на земја.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Го совладуваше својот бол со потсмев.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Утрото свежо, калдрмата измиена, црната прав што тука се таложи од оџакот на фабриката за конзерви ја нема ни покрај големите и долги бели камења што ја делат калдрмата од другиот простор, а сонцето веќе убаво отскокнато во сината срча на небото го ослабнал топлиот здив и тие убаво се чувствуваат додека ја совладуваат Ѓуро Ѓоновиќ.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Можеше да работи. Можеше да се напнува и да се превиткува, впрегнат, можеше да совладува и да биде среќен.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Но сега, во мирната улица, тивко совладувана од квечерината, во немото присуство на човекот што ја носи неблагодарната должност на царски војник, ќе стане необично, лудечко и грозно.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Упорно, без трептеж гледа во магливата далнина и неосетливо се губи, ја совладува сон, клепките натежнуваат и некаде длабоко во главата искрат мисли на свеста: една дека мора да е будна, а друга - барем малку да дремне, само толку, колку за да ѝ олесни, да го истера сонот кошмарен и малку да закрепне, малку да спушти клепки дури да изброи до пет, само малку да дремне...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
- Во колипката, Мајката го осознава последниот таен чин на бесконечната обнова на величествената прокоба на змискиот праотец, звездениот двигател, кој низ постојана жртва ги совладува демоните на минливоста.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Смрт во споредба со јачината на раскрстот, на гибелта која сега ме совладува.
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Повеќе