вежба несв.

вежба (несв.)

- Ги зачував недопишаните тетратки, размислуваше Влатко, ќе имам преку цела година листови за концепт, прибелешки, вежбање и за слободни активности.
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
Осамени вежбачи во њујоршката ноќ ги вежбаат своите мускули.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Ете можело многу подобро отколку моја драга сега е во Јапонија и вежба џудо или така нешто.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Колковите навистина ѝ се движеа како клатно на ѕиден часовник, дури ми се пристори дека нешто ми кажуваат тие движења и тој звучен ефект од нишањево не беше ништо друго туку објаснување за нејзината голема дарба: (тоа Катерина ми го рече откако стори неколку чекори), а малку подоцна додаде дека умеела да го изведе она кое Јана; за да посака да го изведе ќе морала најпрвин да го смисли а потоа долго да вежба и тоа само за да постигне нешто што сепак ќе личи на обична имитација.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Во заднината имаа неколку ископи во кој вежбаа брзо излегување за јуриш.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Сакав дури и да ја погалам по косата, ама толку многу се растреперив, толку почна силно да ми чука срцето, толку се збунив, што го згрешив и текстот од песната што ја вежбавме.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Иако во градот често трчаше со другарите по топката, возеше велосипед по улиците на населбата, вежбаше на справи во фискултурната сала на училиштето, не можеше да стане ни збор за некаква споредба меѓу издржливоста негова и на Бојана.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Никој не знае дека хирургот на виолина ги вежба своите прсти.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Испружен на грб ременот на панталоните и јазлите на кондурите одврзани очи замижани раце прекрстени една врз друга на стомакот и едно вито, бело стебленце извишено покрај мене како свешта над глава. Како помрачен вежбам некаква смрт.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
и еден ден се појави полковиот командир, на еден бел коњ, коњот игра, не гази на земјата, беше бил заробен од Англичаните, и кога дојде му даде команда на ротниот командир и на другите офицери да се тргнат подалеку од војниците, и тие сите се тргнаа едно двеста чекори, и полковиот командир не прашува кој каква мака има, или некоја поплака да има, и излезе еден, Ристе се викаше, а тој пак сето време само главата навалена и само зачуден, и со никого ни а, ни бе, и мајката, си мислиме, на толку молчење, сега најде да зборува, а тој ти имал мака, полкот негов ја збркал работата, а го окривиле и Ристета и го осудиле седум години затвор да лежи по завршувањето на војната, и Ристета цела недела пред тоа го учел еден адвокат од Скопје како да се пожали, го вежбал за докладот, како да се претстави и како да се поплаче и Ристе станува, јас бев часовој, вели, кога стана тоа, а имам и часовник добиено за храброст, ама јас не бев таму, кај што стана колењето и му кажува сѐ како што било,
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Па пијано, час чука, час престанува, а насмевката како вкочанет израз, како поза искрена или зашто така треба, па како малечка што ги вежба ликовите пред огледало за приемен испит на факултет за драма, и таа сакаше да остави впечаток кој трае.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Решивме да направиме свој циркус, да се вежбаме и да појдеме по светот. Беспризорните беа занимливи - имаа премалку леб, премногу фантазија.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од врата кога ќе влезев во училницата каде што вежбавме не можев да не ја забележам искрената широка насмевка на лицето на Вера, со која ги освојуваше сите деца, скоро без исклучок, како и со топлиот спокоен глас, со срдечноста, со присноста, со топлината во очите.
„Друга мајка“ од Драгица Најческа (1979)
еднаш, за една иста коска се фатиле со едно куче и се наттргуваат, си ја отимаат коската, се дават, крв им тече од ноктите и од забите, на Стевана, ко вода му се нишаат забите, не знам кај беше ова и не знам кога беше, јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа, ќе ја посееш жито, а кукавици ќе ти никнат и после не кладоа да вежбаме војнички работи, фронтот е како кај Бигла, а ние како кај Зајгазица во ливадите вежбаме: напред, назад, клекни, легни, а командирот, некој добар, Благоев го викаа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Слушај, малиот е многу фино момче, јас го вежбам трипати неделно, жена му очекува дете, а тој работи за фирмата на татко му.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Можеби затоа – му проблесна другарот од детството кого родителите со сила го тераа да вежба пијано, пукаше по врапците на жиците.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Учителката испратила една торба јаболки и јас отидов онака истоштена од маларијата и почнав да вежбам за пеење.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Овие денови вежбам. Ти даваат пар дена за вежбање од почетокот и после отприлика третиот ден почнуваш да си разработуваш систем.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Ни на сон не можев да претпоставам дека уште тогаш, кога вежбавме на разбојот, и тој ја гледал со исти очи како јас што сум ја гледал, како маж што гледа жена.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Реков дека пишувам песни, одлично вежбам на разбој и дека свирам саксофон (младите во тие години мислат дека се сестрани) и дека од тие три нешта ќе изберам едно за моја професија.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе