куц (прид.)

Ме поднаѕираат луѓе, ама јас во никој не гледам, куц, куц.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сета крв на заодот била собрана на нејзините млади усни за чија целивка и ѓаволот куц можел да се откаже од горештината на пеколот и да се пеплоса до врвот на опашот доколку таа би го зела в прегратки. Се потпирала со дланки на колковите и се нишала на нозе гледајќи го со накривена глава.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Кога дрвото покрај кое случајно минувате со задоволство ја претрпува болката од впишувањето на две имиња врз неговата кора со нож; кога истовремената појава на дожд од небото и солзи на вашето лице не може да се нарече случајност; кога светулка се дави во вирче, прета со наводенети крилца борејќи се за живот и притоа не заборава да ве награди со светлина; кога не знаете зошто одот одеднаш ви станува куц; кога не сте пијани, а од некои темни агли на едвај осветлената улица слушате тивко завивање и цивкање на куче; кога не знаете како сте станале дел од таква ноќ... сѐ што ви преостанува е да се гризете од бол и зачуденост.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Секој крив и куц што врви застанува и чукнува на џамот, или фрла грутка земја или мало камче, или го издолжува вратот и ни гледа во тавата со храна и во шишето ракија, ако имаме.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ние тука се посоветувавме и одлучивме куците девојки уште денес да ги пратиш во главната болница.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
А човекот со хармониката, спечен и со удови на инсект, се виткаше и пиеше вино со затворени очи додека еден младинец му ја држеше стомната на уста, куц, тој со години подвижноста ја пренесувал во колковите.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ги празнеа џебовите пред куциот човек. Очите им бабреа од тага.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Се тетеравел по шумата и ревел со подадени раце кон небото, кон пеколот на тоа небо и кон куциот господар на тој пекол.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Тажно рече: - Несреќно мое момче, сега слепо, куцо ќе ми одиш цел век! - па потоа со најголеми навреди ѝ се нафрли на проклетата муза.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
И тивко, колку за себе, слушајќи го говорот на Високиот, вели: - И така натаму и така натаму... куцо петле на ист плет пее и на исто буниште чепка...
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Животот се собира и се шири, и пак ќе свири под прстите на оној твој куц Циган со зелени зулуфи. Животот тече.“
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- На крстопатот, на излезот од шумата, ќе го дочека куциот самовил, истиот оној волчји цар чие завивање го одбележи неговото раѓање.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Беше со куца нога и троа рогат, но со најголема желба да заличи на Бога.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Уште пред да може да им се најде некакво поголемо значење на нејзините врели и недоречени написи (секако под псевдоним) во весниците Дрошак и Про Армениа, некако во времето ерменско- македонскиот митинг во Париз, во 1904, или порано, Рубина Фаин сѐ почесто сонува црвени пожари и виорења на пламени знамиња над кои, сличен на легендарниот громовник стои таткото на ерменското револуционерно движење, Кристапор Микелјан, жолт, расторбешен, куц и брадест, сличен и на праматар и на изгладнет филозоф, човек во чии очи можела да се прочита болката на сите испозаклани Ерменци од преострите сабји благословени од самиот султан, од неговите суви усни без насмевка и затворени во венец на побелена брада, света и злокобна како за него.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Куциот го заборавил својот верник и придружник.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ако не дадат, нема да се кокорат кај мариовките, — го убедува Митре Раифа и уште на кинисување завитка две мартинки во сакмата и му ги товари на куцото магаре, та ги однесе во Градешница.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
- А од горе дојде еден куц и со викотници и пцости почна да ги растерува од џадето.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Се поревам меѓу бараките, куц, куц, ја изминувам фурната и амбулантата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Има ли уште нешто? - Имам дваесетина девојки кои се куци и осум со исчанчени колкови.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Куците луѓе да земаат само куци жени, а куците жени да раѓаат само куци деца!?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе