а   б   в   г   д   ѓ   е   ж   з   ѕ   и   ј   к   л   љ   м   н   њ   о   п   р   с   т   ќ   у   ф   х   ц   ч   џ   ш

прибере

приберат; прибери; приберете; прибрав, прибраа; прибрал; прибран; приберев, прибереа; приберел
Вид збор: Глагол, свршен
Ранг: 1257
1. Собере нешто што е расфрлано; растурено на едно место.
Англиски: gather Албански: mbledh
Примери:
Прибери ги играчките на едно место.
Мајсторите ги прибраа алатите.
2. Насобере пари, материјал и сл. малку по малку со штедење.
Англиски: collect Албански: mbledh
Примери:
Оваа година прибраа пари за годишен одмор.
Тој прибираше материјал за градба.
3. Собере податоци, материјал и сл.
Англиски: collect Албански: mbledh
Примери:
Полицијата ги прибра сите податоци за престапникот.
Момчето прибра документи за вадење виза.
4. Стави на скришно место.
Англиски: hide Албански: fsheh
Примери:
Жената ги прибра парите од маса.
Поради децата мајката го прибра големиот кујнски нож.
5. За човек - среди коса, стане уреден.
Англиски: tidy Албански: i pastër
Примери:
Девојката ја прибра косата и стави панделка.
6. За човек - собере нозе, раце.
Англиски: compose Албански: kompozoj
Примери:
Ученикот си ги прибра нозете од столчето.
Старата си ги прибра рацете во скутот.
7. Собере, збере род, плод.
Англиски: pick Албански: mbledh
Примери:
Селаните го прибраа житото од полето за неколку дена.
Го прибравме родот пред невремето.
8. Поведе грижа за некого, доведе дома.
Англиски: care Албански: kujdesem
Примери:
Мајката ги прибра децата од улица.
Овчарот го прибра стадото во трлото.
9. Згрижи некого, преземе грижа за некого дома за постојано или кратко време; обезбеди засолниште некому за кратко.
Албански: kujdesem
Примери:
Таа ја прибра својата внука по смртта на брата си.
Ќерката ги прибра родителите кај себе.
10. Збере сила.
Албански: mbledh
Примери:
Старецот прибра сила и се искачи по скалите.
Премрзнатите партизани прибраа сила да стигнат до селото.
11. (се прибере) Дојде дома.
Англиски: come home Албански: vij
Примери:
Се прибравме дома на зајдисонце.
Децата се прибраа по полноќ.
Сите се прибраа за вечера.
12. (се прибере) Се собере, се смести на исто место, во едно живеалиште.
Англиски: meet Албански: erdh
Примери:
Тројцата патници се прибраа во еден полупразен вагон.
Учениците се прибраа во нивните училници.
Зимата се прибравме во станот со парно затоплување.
13. Се повлече, се осами во еден дел од домот.
Англиски: withdraw Албански: tërheq
Примери:
Момчето се прибра во својата соба.
14. Се споземе, се успокои.
Англиски: calm Албански: zbut
Примери:
Девојката одвај се прибра по првиот шок.
15. Се опамети, се вразуми; оформи семејство.
Англиски: come to reason Албански: mbledh mend
Примери:
Тој се прибра, стана човек.
Таа се прибра и за неа се најде момче.
16. Насобере уште малку.
Англиски: gather Албански: mbledh
Примери:
Ќе прибереме уште еден сандак јаболка.
Изрази
Си го прибра Господ - умре.
Си ги прибраа парталите - заминаа принудно.
Изведенки
1. прибира несв.
(се) прибираат
2. прибирање ср.
глаг. им.
3. приберува несв.
(се) приберуваат
4. приберување ср.
глаг. им.